Стил
КАВИЈАР – симбол на раскош и богатство

Не сме сите милионери, иако тоа и не би било така лошо. Сепак тоа не значи дека понекогаш, а празниците се идеална прилика за тоа, не може да си дозволиме за кратко да влеземе во светот на милионерите, барем кога се специјалитетите во прашање. Кавијарот е еден од нивните статусни симболи. Овие ретки и луксузни рибни зрнца станаа гастрономски феномен, симбол на раскошот и богатството. Ако ви се даде шанса да ги конзумирате, еве неколку основни работи што треба да ги знаете за кавијарот.


Историја и етимологија

Традиционално кавијарот се врзува за икрата на дивата риба есетра, со потекли од Каспиското и Црното Море. Русија и Иран во минатото биле најпознатите држави по производство на кавијар, но денес заради вештачкото одгледување на оваа риба, кавијарот го има секаде во светот, а ова име се употребува и за икрата добиена од лосос и пастрмка.

Најдобрата икра се добива од есетра женка, а најдобриот кавијар се добива од подвидовите: beluga, osetra и sevruga. Есетрата има исклучително старо потекло и датира уште од времето на диносаурусите.

Начинот на добивање на кавијарот не е воопшто хуман. Рибата мора да се убие за да се извади икрата. Имало обиди икрата да се извади со таканаречено молзење на есетрата, но при тоа јајцата се оштетуваат и го губат својот вообичаен облик, поради што убивањетона рибите останува единствениот начин. После тоа икрата внимателно се чисти, се меша со сол заради конзервирање и се остава да зрее најмалку шест месеци, за да добие посилен вкус. 


Видови и рангирање

Вредноста на кавијарот се мери според вкусот, конзистентноста, големината на јајцата и бојата. Вкусот не треба да биде премногу рибен, текстурата во никој случај не смее да е кашеста, јајцата да бидат што поголеми, а бојата посветла. Кавијарот од beluga е најценетиот и има деликатен вкус, суптилен и кремаст. Кавијарот од osetra има ореава нота. Кавијарот од sevruga е речиси целосно црн, со благ овошен вкус во задина. Кога ќе го отворите кавијарот тој треба да се изеде што побрзо или да се чува во фрижидер на температура околу нулата. Кавијарот нема многу калории и е богат со омега 3 масни киселини. Може да биде и непастеризиран, но тој е ретко достапен, бидејќи се конзумира на самото место.


Што да јадете со кавијар

Најдобро е да се служи со crème fraiche, вид на павлака и blini, мини палачинки од хељдино брашно. Запечени делови од тост и неутрални крекери, исто така, се добра подлога за овој специјалитет. 


Што да пиете со кавијар

На прво место е шампањ, што посув, толку подобро. Brut е одличен избор. Втор предлог е водка, а логичен избор е и некое квалитетно бело вино. Доколку повеќе ви се допаѓа пивото, тоа мора да биде светло и слатко, бидејќи горкиот и силен вкус на некои пива, ќе го покрие деликатниот вкус на кавијарот. На крајот треба да знаете дека кој од овие пијалаци да одберете, тој мора да биде добро изладен.


Дали се готви?

Не е вообичаено кавијарот да се готви, но ако сакате да правите експерименти, кон него мора да се однесувате нежно и суптилно за да не ја изгуби формата и префинетиот вкус. Повеќе употребувајте го како украс и декорација. Употребувајте го во мали количини, пред се, за морски плодови или риба.

Ако ви се даде шанса да уживате во вкусот на врвен кавијар, тогаш најдобро јадете го сам, без ништо, со мала сребрена лажичка. 

 

28.12.2016


Добивај newsletter
Компас