ПРЕБАРАЈ ФИРМА
Filters
Пребарување
 








КАКО ДА ОСТАНЕТЕ ИН - Да се остане „ин“ за нас значи да се разбираат новите потреби и да се одговори на нив со релевантно знаење и доверлива услуга - Зорица Смилевска, управител на  T-CERT SYSTEM, TUV NORD Business Partner Macedonia

КАКО ДА ОСТАНЕТЕ ИН - Да се остане „ин“ за нас значи да се разбираат новите потреби и да се одговори на нив со релевантно знаење и доверлива услуга - Зорица Смилевска, управител на T-CERT SYSTEM, TUV NORD Business Partner Macedonia

- По што денес е препознатлива на пазарот компанијата T-CERT SYSTEM и во што ја гледате вашата најголема конкурентска предност?

T-CERT е препознатлив по сертификацијата на системи за управување или популарно кажано ISO Сертификацијата, како и техничката инспекција, сертификација на персонал, сертификација на производи и стручните обуки. Како овластен деловен партнер на TÜV NORD од Германија за Македонија, обезбедуваме широк опфат на услуги, од квалитет и безбедност на храната, до информациска и сајбер-безбедност, сертификација на лица и ESG оценки.

Нашата најголема конкурентска предност е спојот на домашната експертиза со меѓународното искуство и методологија. Го познаваме локалното деловно опкружување и ги разбираме предизвиците на компаниите, а преку партнерството со TÜV NORD од Германија им овозможуваме пристап до меѓународно препознатливи услуги. Притоа, стручноста, објективноста и непристрасноста се основа на нашето работење.

-Кои се главните приоритети на кои работите во овој период?

Главен приоритет ни е развојот на стручните капацитети и услугите што одговараат на современите потреби на компаниите. Покрај системите за управување со квалитет, животна средина и безбедност при работа, значајно место имаат и информациската безбедност, деловниот континуитет и одржливоста.

Важен дел од нашата работа е и Академијата на T-CERT, преку која организираме акредитирани IRCA обуки, обука за менаџери на системи за управување, интерни и екстерни аудитори и други стручни профили. Сакаме знаењето стекнато на обуките да има практична примена во организациите.

Паралелно, со неодамнешното ребрендирање, новиот веб-сајт и новите канцеларии во Limak Diamond, ја унапредуваме достапноста и комуникацијата со клиентите.

- Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате на пазарот и како тие влијаат врз вашето работење?

Еден од главните предизвици е разбирањето на вистинската вредност на сертификацијата. Таа често се поврзува со исполнување услов за тендер или барање на деловен партнер, но нејзиното значење е многу пошироко: подобро управување со процесите, препознавање на ризиците и поголема доверба во организацијата.

Предизвик е и брзината со која се менуваат технологиите, стандардите и барањата на пазарот. Тоа бара постојано стручно усовршување и навремено информирање на клиентите.

Нашиот одговор е доследно одржување на професионалните критериуми, јасна комуникација и добро планирање. За доверливоста на сертификацијата е пресудно оценувањето да биде темелно и објективно.

-Како се справувате со менувањето на потребите и очекувањата кај клиентите?

Најпрво настојуваме да го разбереме контекстот во кој работи секој клиент. Потребите на производствена компанија, ИТ-компанија или организација од прехранбениот сектор се различни, како и ризиците со кои се соочуваат.

Широкиот опфат на нашите услуги ни овозможува да одговориме на различни барања, додека преку обуките и стручните информации им помагаме на компаниите подобро да ги разберат применливите стандарди.

Истовремено, клиентите очекуваат јасни постапки, навремена комуникација и предвидливи рокови. Затоа постојано ја унапредуваме организацијата на работата. Новиот веб-сајт дополнително го олеснува пристапот до информации за услугите, стандардите, обуките и потребните документи.

- Кои се најзначајните новитети и промени што ги воведовте во последниот период?

Во последниот период T-CERT SYSTEM доби нов визуелен идентитет, нов веб-сајт и нови канцеларии во Limak Diamond во Скопје. Овие промени се дел од нашето вложување во понатамошниот развој на компанијата.

Со ребрендирањето посовремено го претставуваме нашиот идентитет и опфатот на услугите. Новиот веб-сајт овозможува полесно пребарување на стандардите, информирање за обуките и поднесување барање за понуда. Новите канцеларии, пак, обезбедуваат подобри услови за тимот и за средби со клиентите и партнерите.

Особено ни е важно овие промени да се почувствуваат преку поедноставна комуникација и подобро корисничко искуство.

- Кои се најголемите можности за раст во вашата дејност во моментов?

Значајни можности гледаме во информациската и сајбер-безбедноста, техничката инспекција, деловниот континуитет и управувањето со новите технологии. Дигитализацијата отвора нови можности за компаниите, но истовремено ја зголемува потребата од сигурни процеси и заштита на информациите.

Голем потенцијал имаат и одржливоста, енергетската ефикасност, ESG оценките, CBAM верификацијата и оценувањето на јаглеродниот отпечаток. Овие области стануваат сè поважни во односите со меѓународните партнери и синџирите на снабдување.

Простор за развој гледаме и во техничката инспекција, особено кај енергетските и индустриските капацитети, како и во стручните обуки. За секоја нова технологија или систем се потребни луѓе со соодветни знаења и компетенции.

- Постои ли можност за инвестирање во развој, модернизација и нови технологии во моментов?

Во нашата дејност, подеднакво важна е инвестицијата во знаење. Новите области на сертификација и инспекција бараат континуирано усовршување, следење на меѓународните практики и развој на специјализирани компетенции.

Можностите за дигитализација ги гледаме во поефикасното планирање, управувањето со информациите и комуникацијата. Секое вложување го оценуваме според тоа колку придонесува за квалитетот на услугата и за работата на тимот.

- Кои се најважните лекции што ги научивте низ досегашното работење?

Една од најважните лекции е дека довербата се стекнува постепено, преку стручност, доследност и исполнување на преземените обврски. Во нашата работа, секоја оценка треба да биде поткрепена со докази, а секој заклучок јасно образложен.

Научивме и дека квалитетната комуникација има голема вредност. Кога клиентот ги разбира постапката, барањата и наодите, целиот процес е поефикасен и покорисен.

Искуството ни покажува и дека успешните организации постојано учат. Тоа важи и за нас. За да останеме релевантни, треба редовно да го надградуваме знаењето и внимателно да ги следиме промените во дејностите во кои работат нашите клиенти.

- Што според вас е клучно за една компанија да остане успешна на пазарот на долг рок?

Долгорочниот успех бара јасна насока, квалитет што се одржува и способност за навремено приспособување. Компанијата треба да ги познава своите клиенти, да вложува во вработените и да има процеси што овозможуваат сигурно работење.

Важна е и подготвеноста реално да се согледаат слабостите. Кога организацијата ги следи резултатите, учи од грешките и презема конкретни подобрувања, создава здрава основа за раст.

Во нашата дејност особено значење има кредибилитетот. Тој се одржува со професионални одлуки и доследност. Да се остане „ин“ за нас значи да се разбираат новите потреби и да се одговори на нив со релевантно знаење и доверлива услуга.

- Каде сакате да ја видите вашата компанија во следните неколку години?

Сакаме T-CERT SYSTEM дополнително да се развива како доверлив партнер за компаниите во Македонија и регионот, со силен стручен тим и широк опфат на услуги во рамките на соработката со TÜV NORD.

Нашата амбиција е да ги развиваме капацитетите во областите што ќе го обликуваат идното работење на компаниите, како информациската безбедност, одржливоста и новите технологии. Сакаме и Академијата да продолжи да биде место за стекнување практично знаење и професионално усовршување.

Успехот ќе го мериме преку квалитетот на работата и довербата на клиентите.

 

Дознајте повеќе за Т-ЦЕРТ СИСТЕМ - TÜV NORD Business Partner Macedonia