ПРЕБАРАЈ ФИРМА
Filters
Пребарување
 








Светски водечки саем за архитектура, материјали и системи Bau Munich 2019

Светски водечки саем за архитектура, материјали и системи Bau Munich 2019

Club Economy и Saemi.mk, како и секогаш го даваат својот максимум да ви ги доближат саемските манифестации ширум светот. Во овој текст ќе се обидеме да ви го пренесеме нашето искуство од посетата на саемот за архитектура, материјали и системи Бау Минхен 2019.

Во ист период на две различни страни од градот беа во тек два настани од светски рамки, Светското првенство во ракомет и саемот за архитектура, материјали и системи Бау Минхен 2019. За перфектната организација на Германците, за беспрекорниот транспорт, логистиката, дигитализацијата, храна, пиво… сме слушале многу пати и за да не се повторуваме, ќе зборуваме само за саемот.

Bau Munich 2019 се одржа на саемот во Минхен (Messe München), 14 - 19 јануари, на изложбен простор од 200.000 метри квадратни. Со 2.250 излагачи, од 45 земји, кои ги претставија своите производи и решенија за градежниот сектор пред 250 000 посетители. Со овие бројки Bau Munich 2019 го оправдува статусот „Водечки светски саем за архитектура, материјали и системи". (бројките се превземени од официјалниот извештај на Bau Munich 2019 и можете да ги погледнете на следниот линк)


Изложувачите беа тематски поделени во 19 хали.

A1, A2 - Камења / почви / градежни материјали и решенија за спојување

A3 - Градежни материјали за покриви / Тули

A4 - Природен камен / Лиен камен / Фасадни системи / Подни облоги / Плочки / Керамика

A5, A6 - Подни прекривки

B0 - Инвестирање во иднина

B1, C1 - Алуминиум

B2 - Челик / не'рѓосувачки челик / цинк / бакар / Енергија / Градежни системи / Соларна технологија

B3 - Порти / паркинг системи

B4, C4 - Брави / фитинзи / безбедност / врати и прозорци

B5 - Дрво

B6, C6 - Хемиски градежни производи / Градежни алати

C2 - Светлина; Паметно градење

C3 - Стакло

C5 - ИТ решенија за градење, Технологија за мерење

ICM - Интернационален конгресен центар во Минхен


Уште од самото влегување во саемот се чувствува пријатна атмосфера. Насмеани лица подготвени да го објаснат својот производ и иновација за оваа година, да понудат рекламен материјал или некој пијалак за освежување. Препознатливите германски переци се делеа насекаде. Штандовите прекрасни, скоцкани до последен детал. Кај оние поголемите изградени цели канцеларии, кујни, кафетерии..., се што е потребно за подобра презентација, за вистинска саемска магија.

Од изложувачите мора да го издвоиме Schuco, со најголем штанд на овој саем. Перфектно вклопен во просторот и декориран на најдобар можен начин. Нивниот фокус е ставен на иднината и градењето во височина за да се заштеди на простор. На штандот не се употребува хартија и немаше печатени рекламни материјали. Имаа неколку контактни точки, каде може да си ја скенирате влезницата со вашите податоци и сите потребни информации за Schuco ќе ви бидат испратени на маил. Убав пример што покажува колку е полесно работењето без хартија. Последниот ден саемот го затворија со прекрасно видео за градење во иднината и сложените предизвици благодарение на урбанизацијата, глобализацијата и дигитализацијата.

Исто така ќе ги спомнеме и Horman и WOHR од B3 халата, кои ги имаа изложено своите системи за порти (Gate systems), како и  Klaus Multiparking со своите паметни паркинг системи.

Како најинтересна може да ја издвоиме халата C2, која беше нов дел од изложбата и клучна тема на овогодинешниот БАУ 2019 - градење на технологии и светлина. Во фокусот беa интеграцијата на различни апликации во домот и канцеларијата, како и различните аспекти и влијанието на осветлувањето во архитектурата.

Не може а да не ги спомнеме и халите со стакло, дрво, покриви и останати материјали.

Под мотото "Поврзуваме, зголемуваме, инспирираме" (“We connect, we maximize, we inspire”) во дигиталното село во сала C5 за прв пат се прикажани дигиталните иницијативи во градежната индустрија, заедно со најновите случувања во софтверот, ИТ решенија за градење и технологии за мерење.

 

Долга ноќ на архитектурата 2019

Во склоп на саемот беше и организирана ноќ на архитектурата, каде што сите заинтересирани имаа можност да ги посетат и да ги видат најимпресивните градби во Минхен. Беа организирани 7 различни тури за да се посетат 50 градби, кои можете да ги видите на следниот линк.

Ние ги посетивме главните канцеларии на компанијата ADAC, во западен Минхен, градба која е белег на архитектурниот пејзаж на градот. Комбинација на импресивна фасада со екстравагантен распоред, зградата нуди фасцинантни погледи, како и многу простор за нови работни средини.

Бевме и во Олимпискиот парк во Минхен кој е неизбежен да се посети. Се качивме и на Олимписката кула со прекрасен поглед врз Олимпискиот парк, градот, па се до Allianz Арената. Дури и денес, после 47 години, оваа структура изгледа исто толу модерна, како и во првиот ден.

Се на се едно прекрасно искуство, кое го препорачуваме на сите, па дури и на оние кои не се поврзани со оваа дејност. Еден куп идеи и бизнис можности на едно место. За крај запамтете ја оваа дата: 11 - 16 јануари 2021, Саем за архитектура, материјали и системи BAU Munich 2021.

Оставете коментар
Коментари
17.11.2019 14:30
<a href=https://clck.ru/DwfTp>Лучший Хакерский сайт "Творческая Лаборатория DedicateT"</a>